Мерката „училишна кошничка“ заврши, заштедата за двајца ученици е околу 3 000 денари, информираше денеска заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
Мерката траеше од 15 август до 15 септември, годинава.
„Имаа одлична можност на сите пунктови каде што се набавуваат училишни материјали да ги купат по поевтини цени, она што беше предвидено со одлуката и мерката. Морам да пофалам, некои книжарници имаа и акции со поголеми намалувања од она што беше предвидено. Пазарната инспекција изврши околу 150 контроли на повеќе од 400 објекти што продаваат училишни материјали, вклучувајќи книжарници, маркети и други продавници. Иако беа забележани мали пропусти, во глобала мерката беше почитувана од трговците. Имаше мали опомени, но до крај мерката беше испочитувана. Според првичните сознанија, заштедата по ученик се движи од 750 до 2 000 денари. Просечно семејство со двајца ученици или студенти би заштедило во овој период околу 3 000 денари“, изјави Ристески.