Општинската организација на СДСМ и коалицијата денеска одржа прес-конференција во комплексот „Вруќа вода“ во Проевце.
Кандидатот за советник Благојче Јаќимовиќ говореше за санација и реконструкција на комплексот, обележување на паркинг- места, поставување на нови корпи за отпадоци и клупи, активности кои што се дел од програмата со која ќе ја бараат довербата од граѓаните.
„Рокот за реализација на овој проект е од 8 до 12 месеци, вклучувајќи планирање, изградба и уредување, додека предвидениот буџет изнесува од 120.000 до 180.000 евра, кажа Јаќимовиќ.
Во продолжение прес-конференцијата интегрално:
-Денес се наоѓаме на местото, кое за нас кумановчаните во минатото претставуваше гордост на нашиот крај. „Вруќа вода“- место каде што се спојуваат природата и здравјето. За жал, со години наназад сведоци сме на негрижа, запуштеност и неискористен потенцијал. Она што некогаш било атракција за граѓаните и туристите, денес е симбол на пропуштени можности.
Ние имаме план.
Во нашата Програма со која истапуваме пред вас граѓаните, на претстојните локални избори за комплексот „Вруќа вода“ предвидовме:
-санација и репарација на сите бетонски елементи од комплексот чешми
-замена на сите стари и оштетени овршини за седење со нови обработени дрвени елементи
-санација и реконструкција на партерните пристапни површини, со нови елементи ( пристапно плато, плато пред голема чешма, патека што ги поврзува, плато пред мала чешма)
-санација на сите постоечки метални елементи- огради и декорација
-поставување на нови безбедносни бариери- метални огради, на потпорниот ѕид на паркингот, рампата за лица со инвалидност и скалите
-обележување на паркинг места, со место за паркинг на лица со инвалиднот и паркинг за велосипеди
– поставување нови корпи за отпадоци и канделабри за осветлување
-поставување на клупи за седење од бетонска подконструкција за правилно формирање на малиот базен со минерална вода
-израмнување и нивелирање на брегот на реката
-нов дрворед по должина на патеката меѓу двете чешми
-чистење од отпад на целиот комплекс и речното корито
Комплексот „Вруќа вода“ е дел од неколку месни проекти за с. Проевце предвидени во Програмата.
Во овој дел од градот, како поголем проект, предвидуваме и изградба на модерен и семеен парк со пешачки патеки, детски игралишта, зелени површини и урбана опрема, обезбедувајќи простор за рекреација, дружење и одмор како примарна потреба во недостаток од вакви места во градот.
Рокот за реализација на овој проект е од 8 до 12 месеци, вклучувајќи планирање, изградба и уредување, додека предвидениот буџет изнесува од 120.000 до 180.000 евра.
Со овие проекти се подобрува квалитетот на животот, поттикнувајќи здрави рекреативни активности. Комплексот „Вруќа вода“ ќе биде наша заедничка успешна приказна. СДСМ и Коалицијата заедно со вас- за нашите деца, за идните генерации, за нашиот дом, кажа Благојче Јаќимовиќ- кандидат за советник од СДСМ и коалицијата.