Во рамките на месецот на борба против болести од зависности кој оваа година се одбележува под мотото ,,Информирај се и донеси одлука” се одржаа врснички едукации за болести на зависности на ученици од СОУ Гимназија ,,Гоце Делчев” – Куманово и на волонтерите од Клубот на млади – Куманово.
Едукациите беа спроведени од едукаторите Теодора Николовска и Тамара Бошковска, со цел да ги подигнат знаењата и свеста кај учениците за штетното влијание на различните форми на зависности, како што се зависноста од алкохол, цигари, дрога, па дури и прекумерна употреба на дигитални уреди.
Преку презентација, интерактивна дискусија и практични примери, учениците и волонтерите имаа можност да научат за препознавање на раните знаци на зависност, последиците врз физичкото и менталното здравје, како и начини за превенција и одржување на здрави животни навики. Учесниците активно се вклучија во разговорот, поставуваа прашања и споделуваа свои размислувања за тоа како средината и врсничкото влијание може да придонесе кон развој или спречување на зависности.
