Едно лице од Куманово е новорегистриран случај, позитивен на ХИВ вирусот во текот на 2025 година, заклучно со 27 ноември, а починати кумановци од СИДА нема, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје, по повод Светскиот ден за борба против СИДА, 1 Декември.
На ниво на државата, годинава пристигнати се пријави за 38 новорегистрирани лица на ХИВ/СИДА во Македонија. Од случаите, најголем дел се со место на живеење во Скопје, останатите се регистрираат како спорадични случаи во 14 градови од Македонија. Во 2025 година, во Македонија регистрирани се 8 смртни случаи поврзани со СИДА.
Во 2025 година, од регистрираните случаи, 37 се од машки пол, еден од женски пол. Возраста на случаите не отстапува значително од возрасната дистрибуција од претходно пријавените случаи. Просечната возраст на новите случаи е 35 години, а е во опсег од 23 до 64 година, 73,7% од случаите се на возраст од 20 до 39 години. Од анализата на пристигнатите пријави, од тие со достапен податок, се забележува дека во однос на веројатниот ризик за стекнување на ХИВ инфекција, регистрирани се 5 лица со хетеросексуална трансмисија и 29 лица од МСМ популацијата.
Според податоците на Институтот за јавно здравје, од 1987 година до 2025 (заклуно со 27.11.2025) во Куманово, вкупниот број на лицата позитивни на ХИВ инфекција изнесува 22, 10 лица се со СИДА, петмина починале.