Околу три часа биле потребни целосно да се изгаснат опожарените житни насади и сува трева во селото Пчиња во текот на вчерашниот ден. Според билтенот на Регионалниот центар за управување со кризи, пожарот бил пријавен во четиринаесет часот и десет минути, а ликвидиран во седумнаесет часот и пет минути.
Случајот е пријавен и во полицијата. Според пријавата, во 14:11 часот во СВР Куманово било пријавено дека во атар на село Пчиња, кумановско, настанал пожар на депонијата Краста. Од екипа на Територијалната противпожарна единица од Куманово пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема, се вели во соопштението на полицијата. Увид на местото на настанот извршила екипа на СВР Куманово, при што било утврдено дека пожарот настанал на депонијата Краста по што пожарот се проширил на соседен имот, сопственост на правно лице од Куманово, а била зафатена поголема површина житна култура.
Пожарникарите од кумановската единица вчера интервенирале и на опожарена сува трева во месноста Багрем бања, во селото Зубовце и на потегот од Студена бара кон Ново село.
Освен на отворен простор, пожарникарите гаснеле пожар и во подрум на семејна куќа во Куманово, предизвикан од машина за перење алишта, пишува во билтенот на РЦУК.