Добитник на стипендијата „Фросина Кулакова“ за 2026 година е Ален Милковски од Куманово, објави Фондацијата.
Во објавата се вели: Во приказната на Ален препознавме нешто посебно: препознавме искреност, чувствителност и длабока посветеност кон уметноста како начин на разбирање на животот и луѓето.
Тој црта, пишува, создава и верува дека уметноста има сила да отвора важни разговори. Во неговата работа видовме зрелост, емпатија и храброст да се зборува за теми кои честопати остануваат неискажани — ранливоста, болката, заштитата и надежта.
Особено нè трогна што дел од инспирацијата за неговото творештво била и приказната на Фросина, преточена во порака за поголема свест, одговорност и грижа за човечкиот живот.
Токму затоа, на 25 јуни, денот кога Фросина требаше да го прослави својот 24-ти роденден, со радост му ја доделуваме стипендијата „Фросина Кулакова“ за 2026 година.
Драг Ален,
Ти благодариме што ја сподели својата приказна со нас.
Продолжи да создаваш. Продолжи да ги поставуваш прашањата што другите не се осмелуваат да ги постават. Продолжи да ја гледаш убавината таму каде што многумина поминуваат без да застанат. Чувај ја искреноста што ја препознавме во твојата работа и верувај во својот глас.
Пред тебе има долг пат и искрено се надеваме дека ова ќе биде само едно мало охрабрување на почетокот од него. Ќе ни биде чест да го следиме и поддржуваме твојот раст, твоите идеи и сè што допрва ќе создадеш, се вели во објавата на Фондацијата „Фросина Кулакова“.