До крајот на годината ќе бидат реализирани повеќе од дваесет и седум проекти во Куманово, изјави деновиве градоначалникот Максим Димитриевски. Според Димитриевски, станува збор за крупни капитални проекти од особено значење за градот и граѓаните.
„Како пример ќе ја посочам улицата „11 Октомври“, каде што се заменува главната водоводна мрежа, стара повеќе од 70 години, преку која со вода се снабдуваат над 70 проценти од домаќинствата во градот. Досега никој немаше храброст да започне ваков проект. Следува и замена на фекалната канализација на оваа улица, која заедно со т.н. Нагорички и Проевски сокак, е меѓу најстарите во градот. На улицата „Моша Пијаде“ се менува целокупната подземна инфраструктура“, изјави Максим Димитриевски градоначалник на Општина Куманово.