За триесет проценти повисоки сметки за услугите за собирање и транспортирање на комунален отпад ќе плаќаат граѓаните на Куманово. Одлуката ја донесе мнозинството на денешната седница на Советот на Општината.
Зголемувањето на цените на услугите на ЈП „Чистота и зеленило“ го образложи в.д. директорот Сашо Томиќ.
„Во време кога се е поскапено, зголемена минималната плата, поскапени услугите за сервисирање на возилата, резервните делови и сл., за нормално функционирање на ЈП „Чистота и зеленило“ треба да се зголеми цената на услугите што ги извршува. Со новата одлука, цената за изнесување отпад за физички лица во станбен простор ќе изнесува 5,85 денари по квадратен метар, додека за корисниците надвор од градежниот реон ќе биде 3,90 денари по квадратен метар. За правните лица цената ќе изнесува 16,25 денари по квадратен метар, а предвидени се и нови тарифи за производните субјекти и дворното земјиште. За стан од 50 квадратни метри сметката ќе се зголеми од 266 на 337 денари, односно за 70 денари месечно, додека за дом од 90 квадратни метри ќе порасне од 479 на 606 денари, што е зголемување од 127 денари. За стан од 120 квадратни метри месечната сметка ќе биде повисока за 191 денар, истакна Томиќ.
Директорот Томиќ посочи дека наплатата кај физичките лица е 85 проценти, а кај правните субјекти се движи од 75 до 80 отсто.
„Како ЈП „Чистота и зеленило“ имаме обврска да ја сервисираме услугата кај сите корисници, а оние кои што не плаќаат за услугата ги решаваме на друг начин, односно преку суд“, кажа Томиќ.
Дел од советниците се согласија дека претпријатието има потреба од поголеми приходи заради сервисирање на механизацијата, но сметаат дека зголемувањето на цените на услугите ќе падне на товар на редовните плаќачи, бидејќи претпријатието има проблеми со евиденцијата на сите корисници на комуналните услуги.
„На претпријатието му е потребно добро менаџирање и добра систематизација. Загубата на комуналното претпријатие за 2025 година е 325.000 евра. И покрај предложеното зголемување на цените, услугата не може да се подобри ако немате доволен број на оперативни работници и механизација“, посочи советничката Марина Манојловска.
„Во последните три години цените за изнесување на смет се зголемени за 95 проценти. Во 21 век во Куманово се мете рачно со метли, а не со камиони- метлачки. Имате должници. ЈП „Куманово паркинг“ ви должи три ипол милиони денари со кои можете да купите еден авто – смеќар. Кажавте дека фактурирате 13 милиони денари, а со 30 процентно зголемување на цените на услугите ќе фактурирате 17 милиони денари“, кажа советникот Благојче Јаќимовиќ.
„ Проблемот во претпријатието настанал многу одамна и се провлекувал со години. Во 2008 година долгот на ЈП бил 45 милиони денари, а во време на раководството на Даниел Стојчевски беше многу намален. Вработените во комуналното претпријатие се трудат да го чистат градот, но граѓаните треба да ги менуваат навиките за фрлање на отпад. Предлог-одлуката е издржана и мислам дека треба да добие поддршка од сите советници“, кажа советникот Дарко Митевски.