Советот на последната седница донесе одлука за давање согласност за издавање под закуп на деловни простории во сопственост на Општина Куманово, по пат на електронско јавно наддавање. Според Секторот за правни работи станува збор за два објекта, односно деловни простории во рамките на комплексот Спомен костурница и локалитетот Студена вода.
„Станува збор за деловна просторија во рамки на Спомен-костурницата, која се состои од сутерен со површина од 26 квадратни метри и приземје од 62 квадратни метри, лоцирана на катастарска парцела 9190/1. Втората деловна просторија е со површина од 56 квадратни метри и се наоѓа на локалитетот Студена Вода. Двете простории ќе бидат дадени под закуп по пат на електронско јавно наддавање. Немам информација дека станува збор за заштитено културно наследство. Според предлог-одлуката, просторот е со намена деловен простор, а согласно извршената проценка препорачани дејности се туристичко-информативен центар, административен простор, сувенирница, продажен простор, простор за организирање туристички и рекреативни активности, угостителски објект или кафе-бар“, изјави Иван Ангеловски, раководител на Сектор за правни работи.