На повеќе локации во градот земјоделските производители и препродавачи продаваат на јавно прометни површини на импровизирани тезги или пак во товарни моторни возила, но има и граѓани кои што за таква намена користат приватен имот, иако има слободни тезги на зелениот и на реонскиот пазар во Куманово. Надлежните секоја година, особено во летните месеци се обидуваат да ги отстранат „дивите“ тезги, но се уште не можат да изнајдат трајно решение на проблемот кој се провлекува години наназад.
„За успешно справување со нелегалните продавачи на земјоделски прозиводи неопходна е заедничка акција на сите надлежни институции, Општината преку комуналната инспекција, СВР Куманово, Државниот пазарен инспектор, Агенцијата за храна и ветеринарство, Агенцијата за одземен имот“, потенцираше неодамна градоначалникот Максим Димитриевски.
„Такви нелегални продажни места има најмалку пет, спроти бензинската станица Сателит на влезот во населбата Карпош, спроти градскиот зелен пазар на булеварот „Трета МУБ“, кај стариот градски парк, кај Соколана и во Средорек“. Но, од друга стана пак, треба да се сменат и навиките на граѓаните кои што најчесто купуваат зеленчук и овошје токму од нелегалните продавачи, без фискална сметка, посочува градоначалникот.