Отсекот за превенција при СВР Куманово и Општинскиот совет за превенција денеска на градскиот плоштад организираа настан со показна вежба по прва помош од волонтерите во општинската организација на Црвен крст Куманово.
„Во вежбата беа вклучени и учесници во сообраќајот, кои беа запрени од страна на овластени службени лица од полициската станица. Вкупно 30 лица демонстрираа различни видови повреди, со цел реалистично да се прикаже укажувањето прва помош во итни ситуации“, објави Црвен крст Куманово.
Како што информираат од организацијата, оваа активност се реализира повеќепати во текот на годината, со цел да се освежат заењата на учесниците во сообраќајот за основните постапки за укажување прва помош. Воедно, случајните минувачи и публиката имаат можност да научат нешто ново и да ја подигнат својата свест за значењето на првата помош, под мотото: „Првата помош спасува живот.“