Со свечена седница и доделување на Ноемвриска награда во повеќе категории Општина Старо Нагоричане одбележа 82 години од ослободувањето и 30 години постоење.
За најдобар земјоделец е прогласен Маринко Јовановиќ од село Старо Нагоричане, за најдобар сточар Боге Јовановски од село Орах, најдобар полицаец е Стефан Владимировски од село Младо Нагоричане, најуспешна фирма е Колди Етно дооел – Старо Нагоричане, најуспешен просветен работник Ленче Давидовска од основното училиште „Христијан Карпош“ во с.Младо Нагоричане, во категоријата најдобри ученици прогласени се Данило Ванковиќ од основното училиште „Светозар Марковиќ“, Ангела Ристовска од училиштето „Христијан Карпош“ и Бојана Даиловска од „Христијан Тодоровски Карпош“ во село Драгоманце, за најдобар вработен во јавното комунално претпријатие „Козјак“ е прогласен Ѓокица Бојковски, награден за работата на ТППЕ Старо Нагоричане е Оливер Стојмановски од село Младо Нагоричане, најдобар спортист е Филип Трајковски од ФК „Козјак“ од село Старо Нагоричане.
Освен признанието Ноемвриска награда, градоначалникот на Општина Старо Нагоричане Мирослав Славковски и Советот доделија и плакети за животно дело на хуманитарецот Чедомир Марковиќ и на д-р Емилија Стевковска.
„На сите наградени им честитаме за наградите со желби за уште поголем личен и општествен успех.
Општина Старо Нагоричане ќе подолжи да биде секогаш отворена и достапна за секој добронамерник и нејзин жител!
Нека е честит денот на ослободувањето и нека е вечна нашата Општина Старо Нагоричане!“, истакна градоначалникот Мирослав Славковски.

Реализираните проекти на Општина Старо Нагоричане и градоначалникот Славковски присутните на свечената седница по повод 11 Ноември имаа можност да ги проследат преку видео презентација.