ЕВН: Рационална потрошувачка на струјата

Дистрибутивниот систем за снабдување со електрична енергија функционира без поголеми проблеми како на ниво на државата,  така и во кумановскиот регион , информираат од ЕВН Македонија. Според портпаролот Атанас Ковачевски , прекини се јавуваат само во нисконапонската мрежа во планинските села и населени места кои се наоѓаат на повисока надморска височина  каде што  проблем претставува пристапот до нив. Екипите на ЕВН  постојано се на терен и се обидуваат да пристигнат  и до најодалечените места без разлика дали таму има десетици или само двајца  жители, потенцира Ковачевски.

-Што се однесува до кумановскиот регион нема поголеми проблеми, има прекини во снабдувањето со електрична енергија,  но станува збор за една фаза во некоја од градските улички или во некое населено место, можеби има некој изгорен кабел , осигурувач од преоптоварување во  одредени делови од дистрибутивната мрежа , но екипите се мобилни и постојано се на терен и за краток период го санираат дефектот. Она што е проблем во кумановскиот регион веќе неколку дена се поодалечените населени места, Враготурце,  Стрима  каде пристапот е проблем. Целата зимска моторна опрема на ЕВН Македонија е на терен , работи, се употребуваат и моторните санки  и пеш се оди, изјави Атанас Ковачевски, портпарол на ЕВН Македонија

ЕВН Македонија апелира до граѓаните за економична потрошувачка на електричната  енергија која што периодов е зголемена за десет проценти.

Препораките доаѓаат поради се уште минусните температури кога потрошувачката е на највисоко ниво  и најавите за нови врнежи од снег.

Коментари

коментар(и)