НСДП: Дајте го гласот за Европска Македонија

„Македонија нема време за чекање, доста беа изолации, години на чекање за подобро утре. Можноста за правилна одлука и избор е во наши раце. Наша е одлуката дали и понатаму ќе останеме затворена, изолирана и помалку вреднувана држава, или ќе одбереме пат на развој, раст и просперитет“-истакнаа на денешната прес-конференција од Нова социјалдемократска партија. Оттаму укажаа дека од осамостојувањето на дражвата постојано се наоѓаме пред одредени предизвици кои ја одредуваат иднината. „Референдумот од 1991 година покажа дека македонскиот народ има волја и  сила да живее и работи во самостојна и независна држава, самостојно одлучувајќи за превземање на секој чекор кој води до успех и просперитет на државата“, истакнаа од НСДП.

-Јазот кој се направи со спорот околу името со Република Грција, сите го чувствуваме во годините наназад. И додека нашите соседи одат напред со развојот и унатпредувањето на своите општества во секој поглед, забележливо е стагнирањето на Македонија во однос на нив. Со доаѓањето на новата Влада, и новата политичка гарнитура, Македонија полека, но сигурно започна да се исправа на патот кон успехот и прогресот. И денес повторно нов предизвик пред нас-изјави Фросина Стевановиќ, шеф на општински штаб на НСДП.

Од НСДП веруваат дека во недела народот ќе излезе на референдумот и ќе се изјасни за европска и просперитетна Македонија, како рамноправен член на НАТО Алијансата, а во блиска иднина и на Европската унија.

-Сите сакаме подобар живот, раст во здрава животна средина, во безбедна и стабилна држава. Имаме обврска да излеземе на 30-ти септември и да помогнеме Македонија конечно да тргне по патот на напредок и развој, за поубава иднина на сите нас и на генерациите кои доаѓаат во Република Македонија-посочи Стевановска.

Нова социјалнадемократска партија ги повика кумановци масовно да излезат и да го дадат гласот за Македонија во Европа.

 

Коментари

коментар(и)