Ученици од 15 основни централни и подрачни училишта денеска беа дел од ликовна колонија организирана од здружението за грижи и воспитување на децата. Домаќин на годинашнава детска ликовна изложба под мотото „ Народен вез“ е основното училиште „Христијан Тодоровски Карпош“ во село Драгоманце.
-Техниката е асамблаж или составување на мали зрнца од органски материјали на едно место со силикон. Интересен податок е тоа што секое училиште во Куманово заедно со подрачните моментално се учесници на колонијата. Децата медиумот со играње со раце моментално го восприемаат многу убаво и сакаат да се изразат за тоа што работат, фрагментот на народна носија или народен вез каде што едниот фрагмент кој што ќе го сработат ќе биде мултиплициран на повеќе места и така ќе добиеме тепих, елек, колан, изјави Александар Стефановски, претседател на Здружение за грижи и воспитување на децата Куманово
Се поголемиот број учесници на детската ликовна колонија е показател дека младите ја сакаат ликовната уметност. Дел од денешните ученици веќе учествувале на ликовни изложби , но некои од учесниците првпат имаа можност да ја изразат својата креативност и идеја.
-Сите започнаа веќе со работа, со прекрасна техника, очекуваме прекрасни цртежи и слики. Оваа година на колонијата има многу повеќе учесници споредбено со претходните години, изјави Елена Спасовска Радошевиќ , професор по ликовна уметност
Ликовната колонија во организација на здружението за грижи и воспотување на децата секоја година се реализира во различно училиште. Минатата година децата твореа во просториите на подрачното основно училиште „Толи Зордумис “ во селото Режановце.
