Пренамена на просторот, нови апарати, подобрување на кадровскиот потенцијал, инфраструктурно доуредување и се неопходни на Општата болница во Куманово со цел подобрување на здравствената услуга и заштита на пациентите.
Директорот на болницата, Стефан Трајановски информира дека веќе се изготвени, проект за реконструкција и пренамена на просториите што сега се користат од страна на физикална терапија, проект за пренамена на ковид болницата во физикална терапија и проектот за амбуланта за итен прием на гинекологија кој што ќе биде сместен во делот на стариот ургентен центар. Освен овие проекти, се планира и проект за реорганизација на сообраќајот внатре во болничкиот круг и пренасочување, односно излез кон улицата „11 Ноември“, меѓу кумановци попозната како бединска улица.
„Откако ќе бидат добиени потребните дозволи за употреба, пациентите со термини во иднина ќе се прегледуваат во таканаречената „сина зграда“, а итните во ургентниот дел“, изјави Трајановски.
