Со едукативната тура „Чекори и приказни” во организација на НУ Музеј Куманово денеска започна одбележувањето на Европските денови на културно наследство.
Посетителите, ученици од основното училиште „Толи Зордумис“ во придружба на наставничката по географија Сузана Николиќ се запознаа со приказните за најпознатите градби од нашиот град забележани во колективната меморија на кумановци, почнувајќи од најстарото Варош маало со посета на џамијата како најстар сочуван објект од културно значење, преку Занаетчискиот дом до тумбата, старата црква и хотел Солун. За едукативната тура беа задолжени Неда Митковска- кустос советник историчар на уметност, Габриела Митевска – виш документатор и Мери Николиќ- кустос историчар на уметност.
Од денеска до 29 септември ќе бидат реализирани повеќе работилници, промоции на документарни филмови, изложби, информира директорката на НУ Музеј, Марија Живачки.