Жителите на кумановско Черкезе бараат поставување на дополнителен број на средства за намалување на брзината на движење на моторни возила по неодамнешниот трагичен настан во населбата. Нивното барање на последната седница на Советот го образложи советникот Шемси Мурати, кој побара поддршка од советниците и надлежните институции за итно решавање на проблемот. Во дискусијата, советниците беа согласни дека на тој начин ќе се успори сообраќајот, но посочија дека за поголема безбедност и зголемена сообраќајна култура потребни се и засилени контроли, санкционирање на несовесните учесници во сообраќајот, но и подигнување на свеста на возачите.
Од Секторот за комунални дејности во однос на поставувањето на т.н лежечки полицајци посочија дека надлежноста е на јавното претпријатие за државни патишта бидејќи во случајот станува збор за регионален пат Куманово – Скопје. Доколку се работи за локален пат, надлежноста за преземање мерки за забавување на сообраќајот е на Општина Куманово.