Проектот „народна кујна“ на министерството за труд и социјална политика, во Куманово не функционира од октомври минатата година. 92 семејства од ранливи категории четири месеци не користат бесплатен оброк од народната кујна. Дел од нив користат топол оброк кој го обезбедува општина Куманово, преку програмата за социјална заштита. Од ресорното министерство денеска информираа дека наскоро повторно ќе профункционира услугата наменета за ранливите категории граѓани, која како што наведуваат е резултат на лошата проекција на буџетот за минатата 2024-та година.
-Моментално оброк користат 100 граѓани. Запознаени сме дека граѓаните не можат да користат бесплатен оброк преку МТСП, поради финансирање. Во општината до лани до септември имавме 60 корисници, сега бројката е надополнета, изјави Александар Крстевски, раководител на сектор за социјална заштита во општина Куманово.