Во организација на Асоцијацијата за култура и уметност „Мулти Арт“ и ТВ Плус, на осми октомври годинава со почеток во 19 часот, во НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово ќе се одржи петтото јубилејно издание на детскиот ТВ фестивал „Бисерчиња 2026“.
„Публиката ќе има можност да ужива во 20 нови детски композиции, изведени од млади таленти, со видео записи и атрактивни сценски настапи. Во фестивалската програма учествуваат танцови студија Ultrа, Fusion, Динамик, Skill Factory и Виртус кои ќе придонесат за создавање на весела, динамична и незаборавна фестивалска атмосфера. „Бисерчиња“ веќе пет години ја гради својата традиција, создавајќи простор каде децата можат да го покажат својот талент, да стекнат нови пријателства и да бидат дел од една голема музичка приказна. Најавувам многу изненадувања оваа година, како петта јубилејна. Ќе имаме специјално изненадување за кое што не сакам да откривам детали.
Ги покануваме сите деца, родители, баби, дедовци, тетки, стринки и љубители на детската музика да бидат дел од петтото јубилејно издание на „Бисерчиња 2026“. Влезниците се по цена од 250 денари“, изјави Драгана Станишковски од АКУ „Мулти Арт“ – Куманово.
Фестивалот се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам на Македонија и Општина Куманово преку Секторот за култура поддржан од Советот и претседателот на Советот на Општина Куманово, како и со поддршка од општествено одговорни компании.
Видеото со изјавата од Драгана Станишковски од Асоцијацијата за култура и уметност „Мулти Арт“ – Куманово, по вестите во 18 часот.