Инвестирање во знаење, зголемување на чувството дека сите сме европски граѓани, да се разберат европските институции, да се зголеми вербата во нивното функционирање и да се создадат идни генерации кои ќе веруваат во институциите на ЕУ се целите на проектот „Учиме за Европа низ игра за млади“ што го реализира средното училиште „Перо Наков“ во партнерство со училишта и организации од Италија, Грција, Романија, Шпанија, Португалија, Ирска и Турција. Денеска во кружната сала на поранешен комитет се одржа мултипликативен промотивен, а воедно и завршен настан од проектот кој се предвидува да трае до април следната година.
-Самата цел е преку учење на овие игри учениците да стекнат полесно знаење за ЕУ, т.е за функционирање на институциите во ЕУ. Едноставно да ги доближиме поблиску до учениците бидејќи на нас ни се непознати апсолутно институциите на ЕУ за да полесно научат како се фукнционира во ЕУ. Неговото времетраење од 32 месеци малку го продoлживме поради корона ситуацијата, предвидено беше да имаме повеќе состаноци кои што ќе бидат надвор, меѓутоа многу од нив се случија онлајн. Игрите кои што се креирани моментално се во фаза на тестирање сите аутпути кои што се од овој проект во нашето училиште веќе ги тестираа околу 250 ученици, меѓутоа веќе ги тестираат и од останатите партнерски земји во проектот. Имавме три посети остварени со ученици во Романија, Италија, Португалија, каде што наши ученици и ние како наставници бевме за да ги тестираме игрите кои што веќе ги создадовме. Самата содржина на игри е создадена од наставниците, а надворешниот дел од играта, како тоа треба да изгледа е направен од страна на организациите кои што се вклучени како партнери во проектот, изјави Ивана Близнаковска- Доцевска, проектен координатор од СОУ „Перо Наков“

Анимирана историја на ЕУ, потрага низ Европа, кој е кој, евро квиз, откријте ги фундаменталните вредности, и јас сум европски пратеник и рекреативно-едукативни патеки се седумте интелектуални производи од проектот „Учиме за Европа низ игра за младите“. Истражувањата покажале дека 73% од учениците се изјасниле дека дигиталните алатки и модерната технологија ќе придонесат до поголема мотивација при учењето и стекнувањето на знаења, а 77% од наставниците се изјасниле дека чувствуваат потреба од воведување на дигитални и мултимедијални алатки за поефикасно пренесување на наставните содржини.
-Од овој проект произлегоа седум интелектуални аутпути т.е седум интерактивни игри од кои што дел од игрите може да се играат онлајн, директно од компјутер, а дел од нив можат да се симнат на комјутер и две игри се играат на телефон. Огромен интерес имаше од нашите учениците кога се тестираа игрите и увидовме дека сме направиле добра работа, изјави Ивана Близановска- Доцевска, проект координатор од СОУ „Перо Наков“
Главен координатор на проектот е организација од Италија. Проектот е финансиран од Националната агенција за европски образовни програми и мобилности, а е дел од програмата К 201- стратешко партнерство за училишно образование.