Министерството за социјална политика, демографија и млади ќе разговара со Општина Куманово и со надлежните владини институции за идната намена на поранешниот „Пионерски дом“, информираше министерот Ѓоко Велковски при посетата на Куманово.
Објектот изграден во 1960-тите години помеѓу Гимназијата „Гоце Делчев“ и основните училишта „Крсте Мисирков“ и „Браќа Миладиновци“, со години претставува руиниран и опасен објект во центарот на градот. Некогаш култно катче за детско творештво, култура и спорт, зградата денес целосно е запуштена, преполна со смет и често мета на вандализам.
-Ќе разговараме со Генералниот секретаријат на Владата за да го расчистиме овој проблем. Мора да се договориме за комплетната намена на домот, заедно со сите чинители, Општината и нашето Министерство и Владата за да може објектот да го искористиме во вистинска смисла. Засега ќе го затвориме просторот за да биде непристапен, односно безбеден за кумановци, а потоа дополнително ќе одлучиме каква ќе биде неговата намена“, рече Велковски.
Во врска со најавената изградба на детска градинка во населбата „Зелен Рид“, министерот Велковски информираше дека Општина Куманово ќе аплицира за средства од програмата за поддршка на капиталните инвестиции, а за претходниот повик за унгарскиот кредит проектната документација не била комплетирана.
„Тоа беше една од точките што ги разговаравме со градоначалникот. Документацијата за градинката во населбата Зелен Рид сега е комплетирана и отворен е повик за програмата за поддршка на капиталните инвестиции. Градоначалникот ќе аплицира заедно со Советот на Општина Куманово, по што ќе продолжи постапката“, изјави Велковски.
Фото: архива