Изградба на детска градинка, реконструирани улици и водоводна мрежа, гасификација на секое домаќинство, мултифункционално игралиште за младите во населбата Тоде Мендол најави денеска кандидатот за градоначалник на општина Куманово од СДСМ и коалицијата Оливер Илиевски на средбата со граѓаните. Градинка ќе се гради и во населбата Перо Чичо, дополни Илиевски.
-По детално спроведени истражувања за тоа каде има најголема потреба од градинки, заклучивме дека токму овие две локации се приоритет, со што на нашите најмали ќе им обезбедиме правилен раст и развој со изградба на современи објекти на детски градинки согласно највисоките европски стандарди, изградени со енергетски ефикасни и еколошки прифатливи материјали, изјави Илиевски.
Илиевски во програмата „Најдоброто за Куманово“ предвидува и ново сообраќајно решение во населбата Тоде Мендол кое ќе придонесе за олеснет сообраќаен метеж во населбата.
„Секоја населба заслужува своја приказна, со современа инфраструктура, решени проблеми на граѓаните и воспоставен европски начин на живот“, потенцира Илиевски.