Четиридецениското постоење на НУЦК „Трајко Прокопиев“ денеска беше одбележано со промоција на монографија изработена од повеќе автори, вработени во установата. Центарот за култура е формиран во 1981-та година како Дом на култура „Јосип Броз Тито“, а во 1999-та со одлука на министерството за култура е преименуван во Центар за култура „Трајко Прокопиев“. Во текот на годините на сцената и низ центарот продефилираа врвни ликовни уметници, музичари, големи актерски имиња, писатели, а белег во развојот на установата оставија и матичните форми, фолклорното друштво „Срма“, танцов клуб „Динамик“, денс студиото „Мак“, вели директорот на националната установа, Сашо Тодоровски.