Кандидатот за градоначалник на Општина Куманово Максим Димитриевски од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија за претстојните локални избори и актуелен градоначалник денеска беше во посета на неколку бизнис субјекти во Куманово што се во сопственост на домашни инвеститори.
„Наша главна цел во рамките на третиот мандат би била развој на домашното стопанство и поголем простор и за домашни и за странски инвестиции во градот, развој на нови индустриски зони, дополнителна помош на занаетчиството“, истакна Димитриевски на прес-конференцијата одржана во кругот на компанијата „Бучен Козјак“.
Во продолжение прес-конференцијата интегрално:
-Денеска караванот на Движење ЗНАМ за наша Македонија во Куманово е во посета на нашето стопанство. Дадовме осврт на домашните инвеститори посетивме веќе две фирми, разговаравме за реалните проблеми во стопанството и какви се можностите за понатамошен развој. Наша главна цел во рамки на третиот мандат би била развој на домашното стопанство и поголем простор и за домашни и за странски инвестиции во градот, развој на нови индустриски зони по примерот на веќе потврдената индустриска зона Новине и Речици, дополнителна помош на занаетчиството во градот, како елементарна гранка за развој на стопанството бидејќи да не беше истото немаше да се развие кумановското стопанство. Реконструкција на двата зелени пазари со барање на приватен партнер кој што би влегол во инвестиција. Фонд за поддршка на млади претприемачи и стартап компании за младите. Поддршка на занаетчиите, уметниците, и сите креативни луѓе во градот, обучување и доквалификација на нашата работна сила бидејќи бројот на невработени лица во Куманово е голем, но голем дел од нив не се квалификувани да ги извршуваат секојдневните потребни работни задачи во постоечките компании и секако создавање на туристички пакети и брендирање. Денеска реално слушнавме од стопанствениците кои се нивните потреби. Во општина Куманово функционира локално економскиот социјален совет, наша идеја е да формираме ист таков и за жени претприемачи во градот, бидејќи имаме голем број на дами кои успешно функционираат и со семејни домашни компании и секако јас како кандидат и советниците на листите, ќе продолжиме со истата агенде, Куманово да го видиме како перспективна општина за домашни и странски компании но и да го трансформираме како еден од главните економски центри на Балканот тоа ни го пружа новата раскрсница на коридорот 8 и 10 која што поминува токму овде во нашиот град, кажа Димитриевски, кандидат за градоначалник на Општина Куманово од Движење ЗНАМ – За наша Македонија.