Претставници на Отсекот за превенција при СВР Куманово и на Општински совет за превенција на детско престапништво денеска спроведоа едукативна работилница во ООУ „Браќа Миладиновци” на тема – врсничко насилство меѓу децата во училиштата. Во проектот ќе бидат опфатени сите општински основни и средни училишта. Во основните училишта ќе се спроведе и анонимно анкетирање за детектирање на присутен булинг по класови, наменето за ученици од VI до IX одделение, во рамките на кое денеска беа анкетирани 150 ученици. Оваа анкета има за цел, по обработка на анонимните тестови, да се добие процентуална бројка на застапеност на врсничко насилство. Истите податоци ќе бидат споделени со директорите и стручните служби на училиштата, за навремено преземање мерки и решавање на вакви негативни појави помеѓу учениците.