Сопствениците на хаварисаните возила, од денеска до 28 ноември годинава можат да се јават на телефонскиот број 075/ 221- 372 во периодот од 08 до 16 часот, секој работен ден, со цел службите на ЈП „Куманово-паркинг“ бесплатно да го транспортираат возилото до лиценцираниот отпад. Акцијата за отстранување на возилата кои не се во исправна состојба, а се паркирани на паркинг простор или пак, на јавна површина е започната, но како што информираат надлежните, денеска до 13 часот и 30 минути ниту еден граѓанин, сопственик на хаварисано возило не ја искористил можноста што ја нуди Општина Куманово во соработка со СВР Куманово и ЈП „Куманово паркинг“.
Акцијата беше најавена минатата седмица на прес-конференција во Општина Куманово од претседателката на Советот, воедно и координатор на работната група формирана со одлука на Локалниот совет за превенција, Ивана Ѓорѓиевска.
Претходно, за отстранувањето на возилата говореше и директорот на ЈП „Куманово паркинг“, Андрија Маџовски, кој најави проширување на зоната Б на неколку локации во Куманово по Нова година, но, како што кажа, првин да се ослободат паркинг просторот од хаварисаните седумдесетина возила.