Зголемен е бројот на граѓаните кои што користат оброк обезбеден преку програмата за социјална заштита на општина Куманово наменета за ранливите категории, информираа денеска надлежните од секторот. Општина Куманово ја прошири листата за дополнителни 32 корисника што пак значи дека во моментов вкупно 105 лица кои се наоѓаат под најголем социјален ризик ги користат бенефитите од проектот „Народна кујна“.
„Гледаме на секој начин да помогнеме на нашите сограѓани, можете да забележите дека тие се пресреќни со оваа мерка, а им помагаме и со обезбедување правни документи на сите наши граѓани за да имаат право да остваруваат бидејќи ова е најзагрозена категорија на наши сограѓани кои што имаат потреба од привилегирана помош затоа што сами не можат да се снајдат во системот, почнувајќи од нивниот економски статус па се до образовниот статус. Ние заедно со граѓаните, со нашите соработници од општина Куманово, првенствено со градоначалникот и Советот на општина Куманово каде што увидоа дека има потреба реагираме и придонесуваме оваа мерка да се реализира првенствено согласно нашите обврски, облигации што ги имаме со програмата за социјална заштита. Исто така, ќе напоменам благодарност до целиот совет кој едногласно ја поддржа оваа мерка и благодарност до градоначалникот Максим Димитриевски што го препозна мапирањето претходно направено од нашиот сектор каде што увидовме дека навистина имаа потреба од ваква мерка“, изјави Александар Крстевски, раководител на Сектор за култура, спорт, социјална и детска заштита

За оваа мерка се пријавиле околу 250 лица, но засега 40 проценти од нив го остваруваат правото на бесплатен оброк. Надлежните потенцираат дека сите пријавени ќе можат да ја користат мерката откако ќе ја комплетираат документацијата. Во обезбедување на потребните документи на ранливите категории граѓани им помагаат и вработените од секторот за социјална заштита за што граѓаните се благодарни на општината. Ја поздравуваат мерката и волјата на градоначалникот и Советот на општина Куманово да им помогне на најзагрозените.
„Многу сме задоволни од мерката на општината. Му благодариме на градоначалникот Максим Димитриевски и на цела општина. Мерката, ако може, би сакале да продолжи и наредната година“, изјави анкетиран граѓанин.
„Бладогодарни сме на општина Куманово и на градоначалникот што се грижат за најзагрозените категории граѓани во Куманово“, изјави анкетиран граѓанин.
Оваа категорија граѓани кои се на работ на егзистенцијата го добиваат оброкот на пункт во ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“ каде што функционира кујна. За работните денови има топол оброк, готвена храна, за време на викендите се делат пакети со храна.
Интенција на општината е до крајот на годината за мерката бесплатен оброк за сите да биде искористен вкупниот предвиден буџет од 5.400.000 денари.