Здружението „Доверба” Куманово континуирано работи на промоција на ненасилна комуникација, медијација, почитување на различностите, психосоцијална поддршка за децата кои претрпеле насилство, но и на работа со децата кои покажуваат насилно однесување, како и со т.н. „неми сведоци“ – оние кои се присутни, но не реагираат. Посебен акцент ставаме и на раното препознавање на токсични и нездрави односи, бидејќи превенцијата започнува многу пред да се случи насилството.
Во соработка со училиштата, особено во Куманово, здружението се труди континуитетот да го одржи преку едукативни работилници, разговори и психолошка поддршка. Целта е што повеќе млади да ја препознаат силата на ненасилството, меѓусебната почит и одговорноста што секој ја има во создавањето безбедна средина.
„Наскоро, со поддршка на Општина Куманово, ќе отвориме „Советувалиште за млади во криза”, каде што ќе продолжиме да обезбедуваме психолошка и психотерапевтска поддршка за жртвите на врсничко насилство и нивните родители. Веруваме дека навремената стручна помош, заедно со превентивната работа, е еден од клучните чекори во справувањето со овој за жал се почест проблем“, информира претседателката Дивна Јанкова.