Нискостеблеста шума и сува трева на површина од околу шеесет хектари изгореа во вчерашниот пожар што го зафати селото Сув Орах во општина Старо Нагоричане. Во гаснењето биле вклучени и три авиони „ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување, информираат дежурните екипи од Регионалниот центар за управување со кризи.
Според дневниот билтен на РЦУК, станува збор за пожар од поголеми размери започнат во 13.20 часот на сува трева и нискостеблеста шума. ТППЕ Старо Нагоричане интервенирала со три противпожарни возила, а поради сериозноста на опожарувањето, побарала помош и од околните општински противпожарни единици, како и од Дирекцијата за заштита и спасување со авиони „ер трактор“, со носивост од 3000 литри вода по авион, во периодот од 15.50 часот до 19.00 часот. Пожарот е изгаснат и целосно локализиран во 21.30 часот. Изгорени се шеесет хектари сува трева и нискостеблеста шума и една напуштена плевна, информираат од Регионалниот центар за управување со кризи.