Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ денеска го промовираше новоотворениот дневен центар за индивидуална и групна работа за деца со попреченост.
„Во целосно реновираниот објект( поранешна месна заедница), кој се наоѓа спроти основното училиште „Толи Зордумис“ ќе функционираат две услуги“, информира претседателската на „Инклузива“, Благица Димитровска. Станува збор за услугите, лична асистенција и дневен центар за индивидуална работа со дечиња од 5 до 12 годишна возраст.
-Веќе од 15 септември почнавме да работиме со мала група на дечиња, а сега имаме веќе 41 дете кое го посетува овој центар и му се даваат индивидуални услуги. Дечињата, она што ме радува се пуштаат од родителите да дојдат тука и едвај излегуваат од овој центар што значи дека овој објект им ја дава неопходната услуга, но и љубовта која ја пружаме кон оваа категорија ја чувствуваат секојдневно. „Инклузива“ не е од сега, туку повеќе време го бараше овој простор за да најде соодветно место за да биде оформено, реновирано по сите стандарди за пристапност на оваа категорија. Сите институции, но и градежните компании ги повикуваме да ги запазат овие стандарди што се применети овде, бидејќи се што се прави, рампите во училиштата и во институциите не се соодветни, ниту ги исполнуваат критериумите за пристапност. Постои закон, постои правилник, но повторно се градат објекти кои не се пристапни. На родителите би им испратила порака да бидат упорни, да зацврснат како луѓе, да ни се приклучат во оваа наша мисија ако сакаме уште поголеми права затоа што мала група на луѓе може да направи многу, а поголема уште повеќе. Не обвинуваме никого за оваа состојба во која се наоѓаат семејствата и децата со попреченост, туку да дадеме придонес сите да не разберат и да прифатат она што нам ни е потребно, изјави Благица Димитровска, претседател на здружение „Инклузива“
За работа со децата, здружението „Инклузива“ веќе ангажираше тим од млади дефектолози, логопеди, социјални работници, психолози кои што преку индивидулани и групни часови ќе им помогнат во усвојувањето на комуникациски, интелектуални, моторни и когнитивни вештини.
Проектот – дневен центар, „Инклузива“ го спроведува со поддршка на Општината и Советот на општина Куманово, преку сектор за социјална заштита.
„Општината помага и ќе продолжиме да помагаме“, изјави градоначалникот Максим Димитриевски, по свеченото отворање на дневниот центар, потенцирајќи дека соработката со ресорното министерство мора да се интензивира.
– Чест ми е што присуствувам на вакви проекти кога од идеја ќе се реализираат вакви проекти за работа со лица со попреченост, ќе даде услуга на голем број деца од оваа категорија. Нема да застанеме тука, јавно ги повикувам сите што се занимаваат со вакво тип на делување во општеството да се одважат и да се вклучат со нови предизвици со нови идеи општината е тука да помогне, изјави градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски.

„Ние како општина и како Совет на општина Куманово мора да бидеме многу посензитивни и поемпатични за да може да развиваме соодветни услуги кои им се неоходни на граѓаните“, изјави претседателката Ивана Ѓорѓиевска.
– Лично многу сум горда како претседателка на Совет на овој проект што се направи во Општина Куманово затоа што и лично бев вклучена во барање на соодветен простор кој ќе биде достапен за децата и лицата со попреченост, верувам во Благица и во Тања и во „Инклузива“, затоа што тие се едни од први во државата поборници за развивање на социјални услуги кои се почесто и почесто им требаат на нашите деца. Како човек од образование свесна сум дека има многу повеќе логопедски пречки кај децата заради прекумерното користење на компјутери, секое второ дете има потеба од една ваква услуга. Ние како општина и како совет на општина мора да бидеме многу посензитивни и поемпатични за да може да развиваме соодветни услуги кои им ги требаат на граѓаните. Логопедска услуга еден час, мислам дека е 500 денари или 600, не секој родител може да си дозволи на свое дете еднаш, двапати па и трипати неделон или месечно да посети логопед, изјави Ивана Ѓорѓиевска, претседател на Совет на општина Куманово
За проектот, здружението „Инклузива“ од општинскиот буџет доби милион и 150,000 денари.
За целосната реконструкција беа потребни и потрошени и дополнителни средства кои што „Инклузива“ ги обезбеди преку донации од општствено одговорни компании и поединци.
