Државното средно училиште „Киро Бурназ“ со повеќе активности ги одбележа „Деновите на екологијата“.
Изминатите денови беше организирана едукативна интерактивна работилница со ученици од паралелки на македонски и на албански наставен јазик на која учесниците дискутираа и изработуваа ѕидни весници со еко пораки и цртежи за зачувување и одржување на чиста животна средина. Беа реализирани и заеднички активности за расчистување на дворот од суви и скршени гранки, собирање и изнесување на сметот, засадување на цветни садници и зимзелени дрвја во училишниот двор.
„Во нашето училиштето негуваме клима на прифаќање и демократско учество на секој член на училишната заедница. Целта на овие активности е со заеднички сили и меѓуетничка соработка да ја подигнеме еколошката свест кај учениците и едуцираме млади луѓе кои треба да станат одговорни граѓани и дадат свој придонес за подобра и позелена иднина“, посочуваат од училиштето „Киро Бурназ“.
Еко акциите се реализирани по иницијатива на активот на земјоделско -ветеринарната струка и тимот од проектот „Квалитетно образование за сите“.
Зимзелените садници кои учениците ги засадиле во училишниот двор се обезбедени од јавното претпријатие „Чистота и зеленило“.