Градоначалникот Максим Димитриевски вчера остварил средба со претставници на кумановските печалбари од Ирак и Авганистан и посредувал деновиве да се организира состанок со директорката на Управата за јавни приходи.
„Беше побарано од мене да остварам контакт со претставници од централни власти или во конкретниот случај со директорката за Управа за јавни приходи при што побарав таква средба, исто така и со премиерот направивме таква средба. Во меѓувреме бидејќи граѓаните имаат право да протестираат се организираат и тоа е право коешто произлегува од Уставот, беше побарано од мене да се организира состанок со директорката за јавни приходи во Куманово со поголем број на лица коишто се директно засегнати, стапи во контакт со истата, истата прифати состанок, им дадов директна комуникација и тука моето како посредник од целата операција завршува“, кажа градоначалникот.
Како што е најавено на социјалните мрежи, протестот на кумановци продолжува утре во периодот од 14 до 16 часот пред зградата на Управата за јавни приходи.
На претходните протести засегнатите граѓани побараа Управата за јавни приходи да ги ревидира известувањата за ретроактивна наплата на персонален данок на доход од 2020 година наваму. Меѓу нивните барања се УЈП по службена должност да обезбеди потврди од даночните служби на Ирак и Авганистан. Бараат и стопирање на постапките и дополнително време за доставување документација од компаниите и дијалог со институциите.