„Царинската управа е значаен сегмент и столб за стабилноста на државата во борбата против криминалот и корупцијата и јас очекувам рекордна и безусловна борба против криминалот. Ако некој мисли дека ќе биде како досега, сериозно се лаже. Тоа треба сите да го знаат. И тоа важи за сите службеници на Царинската управа, било да се на граничните премини, мобилните тимови или во управната зграда“, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски по посетата на управата.
– Ако мислат дека имаат право да работат надвор од законот, само затоа што се дел од овој систем, се лажат. Жестоко ќе бидат казнети. Ќе бидат фатени, изведени пред лицето на правдата и жестоко казнети. И тука нема ниту политичка, ниту етничка, ниту верска припадност. Никој нема право да го краде народот, рече Мицкоски.
Тој им честита на вработените во царината за резултатите кои ги постигнале за период од еден месец.
Мицкоски рече дека очекува преку борбата со корупцијата да се обезбедат приливи во буџетот на државата.
„Му благодарам на премиерот Христијан Мицкоски за денешната посета на Царинската управа што е прва ваква посета на премиер на оваа институција. Самото присуство на премиерот денеска кажува за неговата поддршка за целата Царинска управа и за сите царински службеници, но кажува и дека ќе се очекува многу од нас. Во изјавата за медиумите се согласивме дека очекуваме безусловна борба со криминалот и корупцијата и оти Царинската управа е многу важен столб за стабилноста и испорачување на конкретни резултати во борбата со криминалот“, напиша на ФБ директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.