Во организација на здружението „МОТУС“ од Куманово утревечер во изложбениот салон на центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во 19 часот ќе биде отворена првата групна изложба „МОТУС АРТ 2026“.
На изложбата ќе учествуваат 12 македонски автори: Јоана Арсовска, Боро Арсовски, Гоце Божурски, Драган Бошковски, Далибор Јовановски, Владимир Лазески, Данчо Ордев, Александар Стефановски, Христина Стојчевска, Лара Ташковска, Емилија и Стојче Тоциновски и Мирослав Мики Трендафиловски.
„Посетителите ќе имаат можност да видат 30 дела изработени во техники масло на платно, акрил на платно и акварел, со различни авторски пристапи, ликовни изрази и творечки преокупации во современата македонска уметност. Целта на изложбата е промоција и популаризација на современата македонска ликовна уметност, како и афирмација на домашните ликовни уметници и нивното творештво пред пошироката јавност“, стои во соопштението на здружението „Мотус“.
Проектот е финансиски поддржан од Општина Куманово преку Годишната програма за култура.