Екипи на Територијалната противпожарна единица Куманово во текот на вчерашниот ден интервенирале на опожарени житни насади и трева во селото Пчиња, во населбата Карпош, и во липковските села Отља и Ваксинце, информираат од Регионалниот центар за управување со кризи.
Според податоците од ТППЕ Куманово, три пожари вчера избувнале на влезот од населбата Перо Чичо кај улиците „Анѓа Ранковиќ“ и „Ѓуро Пуцар Стари“.
– Во населбата Перо Чичо, спроти поранешниот маркет „Туш“ и на улицата „Анѓа Ранковиќ“ интервениравме три пати што покажува дека пожарите најверојатно се направени од човечки фактор, затоа што локацијата од едниот пожар до другото место каде што гори е на само неколку метри. Во последните две недели на оваа локација интервенираме скоро секој ден, претходните денови еднаш до два пати имаме интервенирано во текот на еден ден. Пожарите се најверојатно предизвикани од човечки фактор и поради палење кабли за бакар, изјави Борис Станковски, командир на ТППЕ Куманово.