На Спомен костурницата на паднатите борци од НОБ денеска ќе се одбележи празникот 11 Ноември, Денот на ослободувањето на Куманово.
– Ова е денот кој е особено значаен во нашата македонска историја. На денешен ден, во 1944 година, борците од НОБ го ослободија Куманово од бугарскиот и германскиот фашистички окупатор. 80 години подоцна, Куманово расте и се развива во модерен град, град на различности и соживот, град на сите граѓани без разлика на нивната етничка, верска, политичка или каква било друга припадност. Наша обврска е да продолжиме заеднички по овој вистински пат. Нека ни е честит 11 ноември – Денот на ослободување на Куманово, им честиташе денеска на кумановци, градоначалникот, Максим Димитриевски.
Свеченоста, со положување цвеќе и пригоден говор по повод 80 години слободно Куманово и 505 години од постоењето ќе започне во 11 часот.
Во 12 часот ќе се одржи свечена седница во НУЦК „Трајко Прокопиев“, со директен пренос на Телевизија Плус.
Веднаш по завршувањето на свеченоста, како што најавија од општина Куманово ќе биде одржана редовна седница на Советот.