Полицијата почесто да ги контролира угостителските објекти по полноќ со цел да се спречи присуството и точење алкохол на малолетниците, побара претседателката на Советот на општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска откако беше презентирана Информацијата за преземени мерки и активности од ПС од Општа надлежност во текот на 2024 година. Со Ѓорѓиевска се согласија и дел од советниците и побараа помош од полицијата да се сузбие веќе вообичаената пракса, малолетни лица да се забавуваат во угостителските објекти до пет часот изутрина.
-Имате само пет малолетни деца фатени во локали по 12 часот. Пет возрасни може да видите во локали по 12 часот, меѓутоа малолетни 100% има многу, што значи дека локалите после 24 часот не треба да се посетени од малолетни лица. Можеби младите сега ќе се завртат против мене и ќе кажат вие претседателке не мислите на нашата забава, но факт е дека не само во Куманово, туку и пошироко, баш поради непостапување на СВР, малолетните имаат навика да излегуваат од 11 до 5 часот и тоа е општо веќе прифатено, па родителите се чудат што да им прават. Нас ни треба помош од институции кои ќе реагираат на терен и ќе кажат ова е недозволиво, не е според закон, не смеете да се наоѓате тука и да ни олесните во воспитувањето и усмерувањето на децата, затоа што поради голем број на непостапувања од страна на институциите, мислам дека општеството ни се претвори во хаос,рече Ивана Ѓорѓиевска, претседателка на Советот на Општина Куманово.
– Родителите не се во состојба да ги контролираат бидејќи ако некој родител го ограничи своето дете да излезе по 23 часот од дома бидејќи е малолетен, тој наидува на отпор и го прави родителот дека е против она што е вообичаено однесување на неговата генерација. Вие можете да помогнете, рече Миле Андоновски, советник.
– За угостителските објекти контролите ќе бидат зајакнати, особено за малолетни лица кои се таму по 24 часот и на кои им се точи алкохол, рече Томислав Додевски, командир по наредба.
Полицијата, според презентираната информација минатата година извршила 34 контроли на угостителски објекти во Куманово.