Десетта година по ред по повод најголемите верски празници се организира активноста „Празниците зближуваат“ од СВР Куманово, Отсек за превенција во соработка со училиштата. Годинава, одбележувањето на Бадник и Божиќ во поинаква атмосфера. Наместо заедничка трпеза, ученици од паралелките на македонски и албански наставен јазик од средното стручно училиште „Перо Наков“ засадија зимзелени дрвца во дворовите на училиштата, а потоа заедно со полициски службеници на граѓаните им поделија заштитни маски, во знак на ковид кризата.
– Активноста има за цел меѓусебно запознавање, градење на доверба, почитување, воспоставување на комуникација и градење на довербата дека со сите различности секое дете е исто и проблемите и предизвиците се исти за сите, само заедно може подобро да се справиме со насилствата, злоупотребите, асоцијалното однесување и да создадеме безбедност и заштита за сите, пред сè за младите, велат надлежните од СВР Куманово.
На настанот присуствуваше и градоначалникот Максим Димитриевски укажувајќи на целта на оваа манифестација која го задржа својот континуитет во поинаква форма поради пандемијата. Инаку, активноста е во рамки на проектот „Безбедни училишта“ кој го спроведува СВР Куманово во соработка со општините и Мисијата на ОБСЕ во Македонија.