Во Уметничката галерија во Куманово вечерва ќе биде отворена изложбата „(ДЕ)кодиран Бит“ од уметницата Мартина Цветановска-Мартиновска, со почеток во 19.30 часот.
Рецензија за изложбата напиша Драгана Спасковска, историчар на уметноста.
– „(Де)кодиран бит“ е насловот на изложбата, која во својата продукција идејно и ретроспективно го синтетизира дваесетипетгодишното ликовно творештво на академската уметница Марина Цветановска-Мартиновска. Доволен повод да се направи еден пресек, да се одбележи јубилејот и да се сумираат ликовните достигнувања на зрел и афирмиран автор, од првите изложбени активности, во 2000-та година, па сѐ до денеска.
Визуелниот интерес на Цветановска-Мартиновска вклучува синергија на повеќе ликовни дисциплини и широк дијапазон на медиуми во кои се изразува: скулптура, цртеж, сликарство, објект и инсталација, а ликовниот јазик од сликарски и скулпторски изведби во постакадемските години, прерасна во апсолутно концептуален модус, со длабоки филозофски предлошки.
Тргнувајќи од теориите за толкување на полното и празното во филозофијата на Зен и Емануел Кант, авторката во процесот на креирање на самото дело ги инкорпорира, односно ги испитува можните начини за нивната визуелизација (во скулптурата, релјефот, инсталацијата). Се среќаваме со феноменот на „полноста на празнината“, кој се однесува на просторот создаден меѓу формите, на уметнички креираната празнина, која станува нераскинлив дел од скулпторскиот израз, илустриран во приложените дела: „За празното внатре и полното внатре“, „За ритамот на полните празнини“, „Вистинито празно и невистинито полно“, „Празното низ празнините“, и „Затоа што е празнина“.
Фасцинирана од можноста за имплементација на празнината како активен елемент во скулптурата, Цветановска-Мартиновска, во понатамошните инсталации го продлабочува истражувањето на целосната маса и внатрешната празнина на обликот („Без почеток и крај“, „Празни пораки“ „3Д остаток“). Авторката ја минимизира употребата на боја, на бела и црна, со што нејзините скулпторски интервенции и инсталации стануваат „стерилни“ и носат метафизичка атмосфера, тишина, молк. Но, како контрапункт, истовремено ја вклучува светлината, односно сенката, која кај просторните инсталации создава ефектни сензации, во вид на рефлексија, еден вид холограм, кој повторно го сугерира волуменот, третата димензија, конкретна препознатливост или предметна асоцијативност („Невидлив ритам“).
Во многу нејзини дела, уште од самите почетоци, играта на линијата активно учествува во градење на структурата на делото. Прикажана со помош на силиконскиот конец („Мрежест идентитет“), ласер, или црвени и црни текстилни траки, со кои се извезени, односно пронижани делата, но и просторот во еден кардиоритам, во просторните и ѕидните инсталации, линијата ја добива главната изразна функција. Го одредува ритамот на целата композиција, давајќи ѝ живот, страст, динамика и бит. Во некои нејзини композиции линијата се појавува како црвено јаже.
Може да се заклучи дека токму црвеното е тоа што се провлекува како обединувачка алка низ сите уметнички циклуси на Цветановска-Мартиновска. Црвената боја има повеќеслојна симболика и го означува отпорот, борбеноста, револуцијата и непокорот на македонскиот народ низ вековите. Преку постапката на везење, шиење, кроење, авторката го интегрира женскиот принцип, присутен во нашата народна традиција и култура.
Во најновите дела („Скроен или сошиен ритам“, „(Де)код или Бит“), овој „вез“ алудира на „крпење“, односно спојување на пукнатини, како алузија на спојување на душевни и физички празнини, на територија, етнос, раната со болка. Всушност овие дела имаат ангажирана нота („Егзодусен ритам“), го носат префиксот на политичка уметност, бидејќи ги инкорпорираат историските наративи на македонските национални прашања и аргументи. Во манирот на Алберто Бури, авторката дава важност на мануелниот аспект во ликовната продукција. Таа за образец го зема меморискиот код-бит, генезата, идентитетот на македонскиот народ.
Најновите дела кои го детерминираат и насловот на оваа изложба, се разрешени во вид на полиптих од цртежи со јаглен. Визуелно тие наликуваат на бар-код или QR-код, дигитален печат, („(Не)употребен код“), кој доколку се скенира, ќе ги прикаже систематизираните информации, складираните податоци за нашата историја и нашето национално наследство – напиша Драгана Спасковска, историчар на уметноста.