Поплавени подрумски простории, станбени и деловни објекти на повеќе локации во градот се евидентирани по вчерашното силно невреме што го зафати Куманово. Надлежните служби информираат дека интервенциите навремено се завршени, состојбата е стабилизирана, но граѓаните повторно предупредуваат дека при секој пороен дожд се повторуваат истите проблеми.
До 08:00 часот утрово измерени се 32 литра на метар квадратен во градот.
Според информациите од Центарот за управување со кризи, на улицата „Моша Пијаде“ биле поплавени подрумски простории кои се користат за живеење со пријавена материјална штета, навлегување на вода во подрумите имало и во објекти на булеварот Октомвриска револуција, улицата Бајрам Шабани, булеварот „Трета МУБ“ каде што водата достигнала висина до околу еден метар, поплави на улиците „Веселин Маслеша“, „Гоце Делчев“ и „11 Октомври“.
На терен интервенирале екипите на ТППЕ Куманово, јавните надлежни претпријатија, Центарот за управување со кризи, ЕВН кои извршиле испумпување на водата и расчистување на поплавените локации во градот.
„Во текот на ноќта, екипите на ЈП „Чистота и зеленило“ извршија машинско миење на улиците и булеварите низ градот, со цел отстранување на наносите и нечистотиите што останаа по обилните врнежи. Активностите за расчистување и одржување на јавните површини продолжуваат и во текот на денот“, објави градоначалникот Максим Димитриевски.
Инаку, Општина Куманово ги известува граѓаните, кои претрпеле штета по обилните врнежи од дожд во текот на вчерашниот ден (01.07.2026 година), да поднесат барање до комисијата за процена на вредноста на штетата од природни несреќи и други непогоди, во архива на Општина Куманово, најдоцна до 10.07.2026 година (петок).