Во тек е седница на Советот на Општина Куманово. Мнозинството советници денеска дадоа согласност на предлог-годишните планови за вработување во 2027 година во градинката „Ангел Шајче“, во општинските основни училишта и во училиштето за основно музичко образование „Панче Пешев“.
Претходно, на почетокот на седницата, на предлог на советник беше усвоено барањето за ограничување на бројот на дискусиите на советниците, само еднаш за една точка на дневниот ред во времетраење од десет минути.
На ваквата одлука од мнозинството во Советот, реагираше координаторот на СДСМ, Томица Илиќ.
„ Денеска на дневен ред на Советот на Општина Куманово имаме две многу битни точки кои се однесуваат на Вас – граѓаните. Едната е од работата на ЈП „Чистота и зеленило“ , а тоа е зголемување на цената на услугата за изнесување на смет за триесет проценти. Втората точка е задолжување долгорочно во Општина Куманово во вредност од сто милиони денари. Мнозинството во Советот на општина Куманово донесе одлука да го ограничи бројот на дискусии на само еднаш за еден советник во времетраење од десет минути. Со ова директно се врши упад во демократскиот капацитет на претставничкиот орган, токму на Вас – граѓаните“, кажа Илиќ на прес-конференција.