Повеќе од два часа советниците на Советот на општина Куманово расправаат за предложените нови тарифи за снабдување со вода за пиење, одведување на урбани води и за прочистување на отпадни води.
Директорот на јавното претпријатие „Водовод“, Оливер Стојмановски ги обелодени новите тарифи пред советниците и кумановската јавност, кои според него, се утврдени според изработен бизнис план во претпријатието, а предложени од Регулаторната комисија за енергетика.
Според Стојмановски, зголемувањето на вкупната цена на водата за 2024 година би било за 24 проценти. Ако се смета дека просечната сметка месечно по корисник изнесува 700 денари, со новото зголемување корисниците би плаќале дополнителни 165 денари, односно 865 денари месечно за вода, а на годишно ниво тоа би изнесувало 2016 денари.
„За 2025 година предложено е зголемување од 28 проценти, а за 2026 -та покачувањето би било од 23 до 46 проценти“, рече Стојмановски.
Дел од советниците сметаат дека и тие, но и граѓаните на Куманово се затекнати од предлог- одлуката за зголемување на цената на водата и дека требало навремено да бидат известени.
Други пак, тврдат дека решението за утврдување на новите тарифи е донесено од страна на регулаторот уште во втората половина на јануари годинава и дека седницата е задоцнета, односно граѓаните веќе неколку месеци требало да плаќаат поскапа вода.
Дали и колку поскапа цена на вода ќе плаќаат кумановци наредниот период ќе се знае по гласањето на првите три точки од дневниот ред на седницата.