Лајонс клуб и „Порака наша“ во посета на Аџи Тепе

Лајонс клуб Куманово продолжува со својата хумана мисија во градот. На иницијатива на членови на клубот, лицата со интелектуална попреченост од дневниот центар „Порака наша“  денеска имаа можност да го посетат спортскиот аеродром Аџи Тепе, да слушнат за активностите на аеро клубот „Доне Божинов“, но и да се фотографираат  со авионите.

Доколку сите здруженија, организации или клубови кои што функционираат  во Куманово би тргнале по стапките на Лајонс клуб Куманово, лицата со интелектуална попреченост би биле уште посреќни.

-Јас сум долгогодишен член, спортски пилот и едриличар во аеро клубот „Доне Божинов“, веќе педесетина години така што дојдовме на идеја овие прекрасни дечиња од „Порака наша“ да ги донесеме тука и да слушнат малку повеќе за авионите и едрилиците. Навистина беше прекрасно доживување бидејќи тие ова го посакуваат. Откако постои Лајонс клуб Куманово успешно соработува со „Порака наша“, помагаме колку можеме и се дружиме. Целта на нашите акции и на нашето здружение е да се помогне на луѓето со посебни потреби и на сите ранливи категории во границите на нашите можности, изјави Влајко Стојчевски, Лајонс клуб Куманово

-Секогаш има интерес за нашите предавања, се трудиме овие дечиња и другите кои што ќе дојдат во иднина да ги запознаеме односно да ги воведеме во летањето, а се надеваме дека и некој од нив можеби ќе продолжи со струката летање. Клубот постои од 1928 година, но со аматерско летање почнува во 1948 година. Овде во клубот има поминато плејада од луѓе, во било која од трите секции,  падобранска, едриличарска  и моторна секција. Од овде излегоа многу пилоти кои што работат насекаде, во стопанска авијација , во заштита и спасување, во АРМ, во  патнички авионски сообраќај, значи овој клуб е „расадник“ на пилоти, изјави  Драган Саздовски, Аеро клуб Доне Божинов“.

За корисниците на „Порака наша“,  ова е прва социјална активност после подолг временски период, односно откако започна ковид кризата, велат од дневниот центар.

-Денеска имаме реализација на една социјална активност, посета на спортскиот аеродром Аџи Тепе, кое е од големо значење за лицата со интелектуална попреченост и дневниот центар „Порака наша“. Тие имаа можност да се дружат, да се стекнат со нови знаења и да слушаат предавање за авионите и едрилиците, изјави Маја Костадиновска од  „Порака наша“

Услугите на дневниот центар „Порака наша“ ги користат 21 лице со интелектуална попреченост, но последнава година ипол поради пандемијата многу е помал бројот на корисниците кои што секојдневно престојуваат во центарот.

Коментари

коментар(и)