Над 500 деца на листата на чекање за во градинка

Нови  278 деца се запишани во јунскиот уписен рок во градинката „Ангел Шајче“ за учебната 2015-16 година, а повеќе од 500 се на листата на чекање. Точната бројка на запишани деца ќе се знае на први септември  бидејќи за некои од нив родителите се уште немаат потпишано договор. Во секој случај, вкупниот број на деца кои посетуваат градинка  веќе подолго време го надминува проектираниот капацитет вели директорката Марина Алексовска.

– Ние како градинка имаме толеранција, имаме разбирање за родителите поради годишните одмори така што толерираме до 15 август ,тогаш ќе го знаеме точниот број, меѓутоа сега бројката на одобрени и на склучени  договори и на старо запишани деца е 1.539 деца, што е далеку над проектираниот капацитет така што веќе имаме поднесено до Советот на општината барање за добивање согласност согласно Закон за заштита на деца, изјави Марина Алексовска, директорка на градинката „Ангел  Шајче “

Според надлежните, барањето ќе биде разгледано на првата наредна седница на Советот на општина Куманово. Во меѓувреме, започнати се подготовките околу доградување на две простории во објектот Синоличка, а се планира да биде надграден и објектот Славејче, со цел да се задоволат потребите на дел од граѓаните.

Новина годинава е што втората смена од септември ќе се дислоцира во друг објект.

-До сега  втората смена  беше лоцирана во објектот Славејче, градинката кај Зелениот пазар, меѓутоа од  1 септември оваа учебна година втора смена ќе се дислоцира во објектот Синоличка поточно кај Градскиот стадион, така што сите родители кои се заинтересирани може да се јават , изјави Алексовска.

Иако главниот прием на децата во градинка е во септември, сепак согласно Законот прием се врши секој месец . Родителот писмено се известува, а при склучување на договор треба да бидат доставени потребните здравствени анализи и потврда за вакцинален статус во управата на градинката.  Инаку, вообичаено во летниот период во поглед на одржувањето на градинките се вршат молеро-фарбарски активности со цел да се подобрат хигиенските услови согласно Законот за заштита на деца. Годинава, објектите Кокиче, Славејче, Буба Мара и Пчелка  се вклучени во овие активности.

Коментари

коментар(и)