Уште два дена трае огласот за обуки за побарувани занимања

Уште два дена трае огласот за обука за побарувани занимања. Центарот за вработување Куманово ги повикува активните баратели на работа, корисници на гарантирана минимална помош да се пријават на огласот. Во Куманово согласно пријавениот интерес од спроведувачите на обука и нивни верификувани програми ќе се организираат обуки за фризер, негувател на стари и немоќни лица и службеник по сметководство. Огласот е објавен на осми октомври, а заинтересираните можат да се пријават заклучно со 22 октомври.

-Агенцијата за вработување на Македонија во рамки на ИПА проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот” финансиран од Европската Унија, а врз основа на Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за годинава, усвоен од Владата на Република Северна Македонија, за мерката 3.3. Обуки за побарувани занимања го објави и очекуваме интерес од барателите на работа, инаку корисници на гарантирана минимална помош, изјави  раководителката на Центарот за вработување Куманово, Марија Димитријевска.

Обуките ќе се спроведуваат три месеци, од кои два се теоретска, а третиот месец е практична обука кај работодавци.

-Очекуваме избраните учесници на обуката да се стекнат со професионални вештини и знаења за занимања за кои во моментов има побарувачка на пазарот на труд и да станат поконкурентни на пазарот на трудот. Имаме позитивни премери од овие обуки, дел од претходните учесници веќе се вработени, изјави Димитријевска.

Лицата вклучени во обуките ќе добијат месечен надомест од 9.000 денари, со вклучено осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест и данок на личен доход за времетраењето на обуката. Учесниците нема да го изгубат правото на социјална парична помош. Доколку кумановци се заинтересирани да учествуваат за некоја обука која ќе се спроведува во Скопје, можат да аплицираат, да бидат вклучени, но трошоците за превоз ќе си ги покријат самите.

Невработените лица кои ќе ја завршат обуката, практичната работа и успешно ќе го положат предвидениот испит, ќе се стекнат со сертификат издаден од верификуваните спроведувачи на обука.

Од Центарот за вработување апелираат до невработените, редовно во услови на пандемија да ги ажурираат своите податоци, телефонски броеви, адреси на живеење за полесна комуникација со вработените, да ги почитуваат мерките за заштита кога доаѓаат во просториите на Центарот и редовно да ги следат објавите веб-страницата и фејсбук-страницата на АВРСМ.

Коментари

коментар(и)