Археолозите открија црковна градба на локалитетот во Пчиња

Црковна градба е откриена на локалитетот Градиште Бислим во село Пчиња. На ископувањата работеше екипа на археолошкото одделение при кумановскиот музеј, под раководство на Дејан Ѓорѓиевски.

 

Екипата на археолошкото одделение на националната установа Музеј Куманово заврши со овогодинешното истражување на локалитетот Градиште – Бислим, во село Пчиња. По ископувањата од лани, како и извршеното скенирање со гео радар, се воочиле показатели дека можеби на истражуваната локација постои црковна градба. Претпоставките се потврдиле годинава, кога во текот на ископувањата, се открил олтарниот дел на црквата. Подот на оваа црква се наоѓа на околу 1,5 метри под денешната површина, направен од квалитетно изработена тула, поставена на малтерна или глинена подлога. Според досегашните показатели, се работи за градба долга околу 20 м, и широка скоро 9 м. Она што е интересно, се откриените фази на градење и доградување на црквата. Според поставеноста на фрагментарно сочуваната фреско декорација, видливи се две фази на градење (доградување) на самата црква, во кои подното ниво се издигнало на скоро 2 метри во висина. Ова говори за интензивна градителска дејност, но и за подолг временски период на користење на црквата. Првичните показатели се дека црквата била градена во петиот век, и дека егзистирала и во раниот среден век, што секако треба да се потврди со идните истражувања, информираат археолозите.

Црквата е поставена на самиот источен крај од тврдината, во непосреден контакт со бастионот на утврдувањето, што секако има симболично значење – со тоа жителите на населбата сакале да ја заштитат тврдината од нападите, преку директно инволвирање на Божјата моќ во заштитата. Со ископувањето, освен претходно познатата правоаголна и петоаголна кула, се откри и постоење на кружен бастион во челото на тврдината, односно на нејзиниот најистурен дел.

Ископувањата покажуваат дека тврдината во Бислим воопшто не била краткотрајно воено утврдување – напротив, се работи за поголема населба во и надвор од тврдината, која егзистирала подолг временски период. Со оглед на тоа што северно од Градиште – Бислим постои уште едно помало утврдување од истиот период, јасно е дека по течението на Пчиња, дури и во навидум непристапната клисура, минувал значаен антички пат преку кој од северните делови на Балканот најбргу се пристигало на т.н Виа Аксиа, односно на Вардарскиот пат, а понатаму и кон богатите антички центри на југ. Ископувањата беа под раководство на Дејан Ѓорѓиевски, а се целосно финансирани од Министерството за култура.

Коментари

коментар(и)