(ВИДЕО)Мурал посветен на голманот Столе Димитриевски

Портретот на македонскиот голман репрезентативец Столе Димитриевски, роден во Куманово е најновиот мурал во градот исцртан од членови на здружението за ликовна уметност „Форма“. Слободниот уметник Дејвид Стоилковски, познат под уметничкото име Молерај вели дека големата победа на македонската репрезентација над Италија во Палермо ги поттикнала заедно со Младен Трендевски – Трендо  да го исцртаат ликот на Димитриевски, а воедно на овој начин ќе ги бодрат македонските фудбалери на следниот натпревар против Португалија.

-Најпрвин тој е од нашиот град Куманово и заради постигнатит резултат, успех. Се надевам на уште поголем успех, на пласман на Светско првенство и затоа да им се оддолжиме на некој начин бидејќи реално заслужуваат, тие  се нашите херои. Очекуваме да биде еуфорично ако ја победиме Португалија, да направиме уште некој мурал, сега за сега е само овој. Кога цртаме најчесто гледаме да станува збор за видни површини за да можат што поголем број на граѓани да ги видат и да бидат што попристапни за јавноста, изјави Дејвид Стоилковски од здружението „Форма“.

Намерата на младите уметници од „Форма“ е да се разубави неискористениот јавен простор, да се поврзе младата популација со уличната уметност како алатка за креативно изразување, како и да се покрене свест за поголема грижа од страна на младите и останатите граѓани на Куманово за јавните површини преку младинската креативност.

Здружението е и организатор на „Графити фест“ кој годинава по четврти пат ќе се одржи во мај месец.

– Следниот „Графити фест“ ќе се одржи во мај месец, ќе ги исцртуваме ѕидовите во населбата Гоце Делчев. Претходно имаме одржано три фестивали, оваа година сакаме да го прошириме на регионално ниво. И третиот „Графити фест“ беше со уметници од страна, и на вториот имаше гости од страна, сега сакаме да се прошири нашава идеја, да се прифати во регионов, на Балканот, тоа ни е главната цел. Четврта година по ред од наша страна ќе се организира „Графити фест“со помош на министерството за култура, неколку компании од Куманово и физички лица, изјави Младен Трендевски – Трендо од здружението  „Форма“

Групата уметници од „Форма“ улично цртаат околу 12 години, а како здружение функционираат  осум месеци.

 

Коментари

коментар(и)