Здружението Доверба- Куманово реализираше трибина во рамки на проектот „Здрави врски – основа за ментално здравје“, посветена на важноста на отворениот разговор, меѓусебното разбирање, поддршката и грижата за менталното здравје. Завршниот настан се одржа во Занаетчискиот дом.
Проектниот координатор, Дивна Јанкова информираше дека преку проектот едуцирани се девојчиња на возраст од 16 до 19 години и професорки и стручни соработнички од средни училишта во Куманово и Охрид. На спроведената обука во Охрид учествувале 17 ученички, 7 професорки и претставнички на стручните служби од ОСТУ „Наце Буѓони“ и СОУ Гимназија „Гоце Делчев“.
На трибината стручни лица од областа на психологијата дискутираа за предизвиците со кои се соочуваат младите, влијанието на токсичните врски врз нивната емоционална благосостојба и важноста од навремена психолошка поддршка.
Учесниците покажаа дека младите можат да бидат важни носители на позитивни промени, преку отворена комуникација и заедничка поддршка од семејството, училиштето и заедницата.
„Идејата е да се реагира пред младите да влезат во не здрави партнерски односи или подоцна во брачни заедници што можат да резултираат со насилство и долгорочни последици за целото семејство“ – изјави Јанкова.
Проектот го реализираше здружението Доверба – Куманово со поддршка на Екуменска иницијатива жени од Омиш, Хрватска.