ВИДЕО: „За кого бијат камбаните“ премиерно утревечер во Центарот за култура

„За кого бијат камбаните“, според текст на Ернест Хемингвеј, во режија на  Мартин Кочовски е новата премиера на Театар Куманово во првата сезона за годинава која ќе се одигра утревечер во Центарот за култура.

Режисерот, драматургот, актерите на денешната прес-конференција ги поканија кумановци да ја проследат претставата во која игра целиот ансамбл и млади актери како гости, токму во година кога Театар Куманово одбележува 75 години постоење.

Драматургот Лидија Митоска -Ѓорѓиевска вели дека во фокусот на претставата „За кого бијат камбаните“ се наоѓа огромната обединувачка моќ на хуманоста и сочувството, но и големината и нескршливоста на човечкиот дух во безизлезни ситуации, а особено кога човек е исправен пред смртта. Вредноста на човечкиот живот, линијата меѓу моралното и неморалното и смислата на постоењето која произлегува од љубовта се дел од темите кои ги отвора оваа претстава.

Според драматургот Митоска- Ѓорѓиевска, во време на колективна апатија и општествена разединетост, кога меѓучовечката комуникација е на најниско можно ниво, не ни останува ништо друго освен да прибегнеме кон ваквиот хуманистички, односно индивидуалистички пристап, да ги разбереме човековите емоции и мисли, дилемите и донесените одлуки и само на тој начин да го гледаме поединецот и неговата потрага по лична смисла и цел.

Во претставата „За кого бијат камбаните“ играат Александра Михајловска, Александра Пешевска, Антонио Димитриевски, Владо Дојчиноски, Горан Илиќ, Давид Илиќ, Дубравка Киселички, Жарко Јовановиќ, Јанка Лефкова, Кети Дончевска-Илиќ, Мирослав Петковиќ, Мишо Димитријевски Шипе, Нина Максимова и Чедомир Митевски.

Претставата која љубителите на театарската уметност ќе имаат можност да ја проследат утревечер со почеток во 20 часот е поддржана од министерството за култура.

Коментари

коментар(и)